Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ во разговор со медиумите од Русија откри дека имал можност да се пресели во НБА но ја одбил можноста да биде дел од најсилната лига во светот бидејќи не сакал да седи на клупа.
Ненад Димитријевиќ минатото лето започна нова авантура и потпиша за Уникс Казан, каде прикажува одлични партии.
Македонецот во разговор со „Бизнис Спорт“ открива дека имал можност да се пресели во НБА, имал две-три понуди, но не сакал да седи на клупа и решил да остане во Европа.
„Многу кошаркари сонуваат за настап во НБА, јас сонувам за настап во Евролига. Како дете гледав многу натпревари, ги паметам пресметките помеѓу Панатинаикос и Макаби. Немам голем интерес да гледам натпревари од НБА. Најчесто гледам неколку натпревари од плеј-офот. Евролигата е комплетно поинакво натпреварување, секој кој ја разбира кошарката, го разбира тоа“ – вели Ненад Димитријевиќ.
„Бев избран на драфтот, ми беше понуден двегодишен договор, но го одбив предлогот. Не паметам кој клуб беше, пристигнаа две-три понуди.Искрено не паметам за кој клуб стануваше збор. Едноставно не сакав да се преселам во НБА и да седам на клупа или да играм во „Џи-Лига“ (развојната лига).Прво треба да се докажам во Евролига, па потоа да мислам на НБА“