Македонската кошаркарска репрезентација во четврток ќе игра натпревар против Грузија во Тбилиси во рамки од квалификациите за Светското првенство, но покрај пехот со отсуства на важни играчи како Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски и Дамјан Стојановски, македонската експедиција доживеала шок и поради личните документи на селекторот.
Драган Бајиќ добил забрана за влез во Косово и поради административен скандал нема да патува со македонската селекција за Тбилиси од Приштина како што беше предвидено, туку Федерацијата ќе мора да му обезбеди дополнителен лет и истиот ќе се реализира од Скопје.
Тренерот на Игокеа кој е предводник на нашиот национален тим ја потврди оваа непријатна епизода за српските медиуми, откривајќи дека не ја знае вистинската причина за забраната од Косово.
– Моментално сум во Скопје и едноставно сум шокиран од информација која вели дека не ми е одобрен влез на територијата на Косово. Немам образложение зошто дојде до тоа. Создаден е голем проблем за македонската Федерација, сега се принудени да бараат алтернативни решенија како да стигнам прво до Истанбул и таму да се состанам со репрезентацијата и да одиме кон Тбилиси. Проблем е тоа што нема да можам да го одработам тренингот со тимот бидејќи мора порано да тргнам за Инстабул, – изјави Бајиќ за „Српскаинфо“.