сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Еден од Работнички и двајца Американци го засилија ФМП

Еден од Работнички и двајца Американци го засилија ФМП

Во обид да се тргне од дното на прволигашката табела, екипата на Навико Академија ФМП во еден ден ги објави договорите со дури тројца нови кошаркари. Станува збор за поранешниот младински репрезентативец Виктор Златевски и двајцата американски интернационалци Мек Смит и Дезмонд Рингер.

Златевски се сели во Кисела Вода од Работнички каде играше лани и на почетокот од оваа сезона, а претходно, откако почна да се занимава со кошарка, беше член на Партизан Водно Санс. Сезонава одигра пет од седумте натпревари во Првата лига, а неговиот статус се смени со доаѓањето на Пол Џексон.

На теренот поминуваше просечно по шест минути на меч, со ефект од 1,8 поени и 1 асистенција. Во ФМП треба да има многу позначајна улога.

Смит ги покрива бековските позиции, а договорот со Навико Академија ФМП ќе биде прв за него во европската кошарка. Играл на Универзитетот Вестерн Мичиген каде минатата сезона на 30 натпревари просечно постигнувал по 7,3 поени и 3,4 скока. Рингер е 28-годишен крилен центар, а за разлика од Смит, има искуство Европа, играјќи во Велика Британија, Франција, Германија, Летонија и Португалија.

По седум одиграни кола, Навико Академија ФМП се наоѓа на последното место на табелата во Првата македонска кошаркарска лига со само една победа, колку што има и Струмица.