Документарниот филм „Леле, луѓе, што направивме, радувај се Македонијо“ ќе биде дел од програмата на Меѓународниот фестивал за спортски филм во Милано што ќе се одржи од 9 до 13 ноември.
Филмот, кој е во продукција на КОШ.МК и Три стар, а во соработка со Олимпискиот комитет и Кошаркарската федерација на Македонија, е посветен на кошаркарската репрезентација што го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија во 2011 година, а беше изработен по повод одбележувањето на десетгодишнината од неговото остварување.
И повеќе од една деценија подоцна, тоа се уште е најголем успех на една македонска репрезентација на големите натпреварувања
Филмот е сведоштво на дел од она што се случуваше пред, за време и по Еуробаскетот. Се снимаше во периодот од јули до септември 2021 година, а во него учествуваат 10 кошаркари од македонската репрезентација, четири члена на стручниот штаб, членовите на тогашното највисоко раководство на КФСМ, тројца новинари од кои двајца македонски и еден српски, двајца навивачи, селектор на противничка репрезентација и директорот на АМС.
Фестивалот во Милано е „мајка“ на сите фестивали за спортски филмови, неофицијално Светско првенство во оваа сфера. Се одржува од 1983 година, а филмовите се поделени во неколку категории: Олимписки игри, документарни филмови, ТВ шоу – нова технологија, спорт и општество, спорт и инвалидитет, игран филм, спортски реклами и игран филм и ТВ фудбал. Ќе бидат прикажани над 140 филмови од 130 држави, меѓу кои и Македонија