Академија ФМП го доби македонскиот дуел на стартот на БИБЛ лигата откако славеше на гостувањето кај Куманово со 59-63.
Двата тима се мачеа на паркетот уште од самиот почеток на мечот, а по 10. минути игра на семафорот стоеше резултат 20-16. Изедначениот натпревар продолжи и до самиот крај на првото полувреме до кое гостите успеаја да ја намалат предноста на домаќинот на само еден напад (31-29).
Работите не се променија ниту во второто полувреме. Подобриот старт на третата четвртина донесе блага предност за избраниците на Петровиќ кои истата ја задржаа и по 30. минути игра (44-47).
Куманово успеа да се врати на отварањето на последната четвртина, во еден момент и да поведе со пет разлика, но крајот на натпреварот го одбележаа гостите кои прво се вратија во игра, а потоа не дозволија поени на противникот во последните минута и 20 секунди во кои со серија од 4-0 го осигураа триумфот.
Џонатан Холмс беше предводник на Куманово со дабл-дабл од 13 поени и 13 скока, а по 11 поени запишаа Џукановиќ и Џозеф. Србинот додаде и 6 скока, а Американецот 6 асистенции. Славчо Темелковски беше првото име кај гостите од Скопје со 14 поени и 5 скока, 13 поени и 7 скока додаде Крстајиќ, а како двоцифрен со 10 поени натпреварот го заврши Миса.