По 21 година професионална кариера, Пау Гасол ова попладне објави дека се повлекува од активното играње кошарка на 41 година, нагласувајќи дека е посебно горд што тоа го направил на највисоко ниво и комплетно здрав во ситуација кога е влезен во петтата деценија од својот живот.
Легендарниот шпански центар имаше свое обраќање од театарот во Барселона, а на свечената церемонија беа присутни голем дел негови соиграчи од репрезентацијата, неговото семејство и најголем дел од новинарите кои ја следеа цела негова играчка кариера во изминатите две децении.
– Во 2019-та година морав да се оперирам и тогаш лекарите не ми предвидоа дека ќе се вратам на 39 години. Со Портланд се договоривме дека ќе почекаме шест месеци, а потоа морав да имам алтернативен третман на стапалото. Јас не се откажав и си го остварив сонот, се вратив да играм за Барселона и благодарам за укажаната шанса. Една од моите цели беше да играм пред мојата ќерка, таа ме виде како играм на професионално ниво.
– Тука сум за да соопштам дека се повлекувам од професионалното играње кошарка, ова е многу тешка одлука, но долго размислував за неа и мислам дека е најисправна. Сакав да завршам уживајќи на теренот, а не со патерици. Многу сум благодарен што завршив како играч на Барселона и такашто ги одиграв моите петти Олимписки игри претставувајќи го дресот на Шпанија, – изјави Гасол.
Искусниот Пау не заборави никого во своето обраќање и им се заблагодари на сите тренери, актуелни и поранешни соиграчи, на докторите, на физиотерапевтите, на ривалите и своето семејство, но емотивно се сруши кога проговори за својот легендарен соиграч Коби Брајант.
– Сакам специјално да споменам и еден мој сакан соиграч…. Коби Брајант….. Таков е животот за жал….. Понекогаш, животот е многу неправеден. Сакав да биде тука. Многу ни недостасува, тој и неговата ќерка Џиџи. Ме научи како да бидам подобар лидер, подобар победник и секогаш ќе го сметам за постар брат. Ти благодарам Коби, – порача емотивниот Пау на денот кога се збогуваше со кошарката.
Гасол ја завршува својата кариера како играч кој настапуваше за Барселона, Мемфис, Лос Анџелес Лејкерс, Чикаго, Сан Антонио, Мемфис и Портланд, освои две НБА титули со „езерџиите“, a како лидер на Шпанија, освои три Европски првенства и едно Светско првенство.