Повеќе нема непоразени екипи во машката кошаркарската Прва лига, откако досегашниот неприкосновен лидер Гостивар загуби вечерва на гостувањето кај Куманово (70-82) во меч од седмата прволигашка рунда.
Кумановци и покрај сите проблеми и играчки заминувања одиграа најдобро сезонава, а клучната предност ја обезбедија во вториот период кој го добија со 28-12. Марјан Јанески со 22 поени беше најпрецизен во победничкиот тим, додека Пипкинс со 15 поени кај гостите.
Кошаркарите на Работнички, пак, врзаа и трета победа по ред, откако вечерва славеа на гостувањето кај Струмица (92-84). Домаќинот беше подобар во првото полувреме (47-42), но поголемото искуство на црвено-белите им ја донесе посакуваната победа во продолжението.
Американците Форте и Пол со 23 односно 21 поен беа најпрецизни кај центарци, додека Крстајиќ со 22 и Стаменковиќ со 21 поен беа најефикасни кај струмичани.
Кожув претходно денеска беше подобар од Феникс (97-89). Утре играат Академија ФМП и ТФТ, во вторник МЗТ Скопје го пречекува Чаир 2030, а в четврток Еуро Никел ќе му биде домаќин на Пелистер.