Младиот 18-годишен турски центар Самет Јигитоглу, како што официјално е соопштено денеска, веќе не е член на МЗТ Скопје Аеродром, откако неговиот менаџерски тим ја плати откупната клаузула предвидена во договорот и реши да го врати во Турција, и тоа најверојатно во матичниот Бешикташ, од каде што и дојде во редовите на македонскиот кошаркарски првак.
Јигитоглу му се приклучи на МЗТ Скопје минатата сезона кога настапуваше за вториот тим, а високиот центар сезонава беше промовиран во сениорскиот тим.
Во дресот на МЗТ Скопје одигра 14 натпревари во регионалната АБА лига на кои имаше просек од 5,7 поени и 4,5 скокови.
Претходно оваа недела МЗТ Скопје Аеродром се раздели и со македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ, а на негово место го донесе Американецот Кеандре Кук.