Селекторот на машката кошаркарска репрезентација Александар Јончевски е презадоволен од прикажаното на мечот во Арената „Нордстранд“ во Осло и победата над Норвешка:
– Морам да напоменам дека нашиот состанок пред овој меч почна додека Данска водеше со шест поени. Но, реков дека тоа нас воопшто нас не нè интересира. Дека сакаме самите да си ја завршиме работата. Сакавме да ја повториме онаа наша добраа игра против Норвешка во Гевгелија. И не, никако не бевме обесхрабрени по неуспехот пред некоја вечер во Левице. Пред сè, затоа што сепак и против Словачка имавме добра игра, игравме со доста енергија во нападот, креиравме доста отворени шутеви, кои за жал не ги погодивме. Од друга страна, тие погодија доста потешки обиди за три поени, и затоа победија. Затоа пак мотивацијата на сите нас овде во Осло, беше на ниво, без оглед на тоа што притисокот дополнително се зголеми со драматичната победа на Словачка во Данска. Секако, одговоривме на поставените задачи, посебно во одбрана, би се рекло, и скоро идентично, повторено издание како пред некој месец во Гевгелија – рече Јончевски по натпреварот со Норвешка.
Стратегот упати посебна честитка следува до играчите, но и до целиот стручен штаб. Се чини дека, за разлика од пред некоја вечер, во Осло многу дилеми симна нашето одлично отворање на средбата со Норвешка.
– Мислам дека е така. Практично од првата топка, отворивме одлично и потоа полека, како поминуваше времето, само ја зголемувавме не само разликата, туку многу повеќе ја билдавме самодовербата, а со тоа полесно го донесовме натпреварот до самиот крај. Сакам да им упатам честитки на сите играчи кои дојдоа, кои влегоа во игра, и го дадоа својот максимум, што дадоа сè од себе, играа на високо ниво без оглед на водството од 30 поени, одигравме до последна секунда. Не двоиме некој, без оглед кој колку играше, одигра баш професионално, и честитки до нив, и до целиот стручен штаб, кој имаше одличен скаутинг и за овој меч, одлучувачки во секој поглед – вели Јончевски.