Селекторот на кошаркарската репрезентација, Александар Јончевски, даде свое видување за играта и резултатите на нашиот национален тим по завршувањето на претквалификациите за плaсман на Олимписките игри во Париз.
Македонија играше без неколку важни првотимци и загуби на сите три натпревари (Естонија, Чешка и Израел), но она што загрижува е бледата игра, огромните проблеми со скокот, поставеноста во дефанзива и стерилноста во нападот. Селекторот смета дека во моментов нашата репрезентација е далеку од нивото кое го имаше порано и не можеме да се носиме против тимовите со кои во минатото бевме „рамо до рамо“.
„Направивме неколку грешки во серија и Чешка го искористи тој момент за да се одлепи резултатски. Потоа повторно се вративме во мечот, но не успеавме да изненадиме. Се работи за противник кој има играчи од НБА и од Евролигата, и за нив немавме адекватен одговор во текот на натпреварот. За разлика од другите тимови, ние имавме огромен проблем во составувањето на екипата, а згора на тоа, имавме и многубројни откажувања. Шанса за настап добија сите играчи, а некои од нив добија поголема минутажа од онаа што ја добиваат во своите клубови“, изјави Јончевски.
Селекторот исто така рече дека овој турнир послужил за извлекување голема поука, а воедно призна дека Македонија има уште многу работа за да парира на силните европски репрезентации.
„Најголем проблем е што голем дел од нашите репрезентативци не добиваат соодветна минутажа и немаат можност секојдневно да напредуваат. Некои од нив ги одиграа првите минути во сениорска репрезентативна конкуренција. Верувам дека сите ќе извлечеме поука од овој собир, не само стручниот штаб, туку и сите играчи. Реалноста е дека сме многу далеку од силните европски репрезентации. Со дел од нив бевме „рамо до рамо“, а од некои бевме дури и подобри во минатото. Треба да сфатиме дека тоа време помина и оваа генерација очекувам да даде многу подобри резултати во иднина“, заклучи Јончевски.