Освоеното прво место во претквалификациите за Евробаскетот 2025 и донесоа на македонската кошаркарска репрезентација настап во претквалификациите за Летните олимписки игри кои ќе се одржат во Париз следната година. Истите ќе бидат комплетирани од 12. до 20. август во Талин, Естонија, и Гљивице, Полска.
Селекторот Александар Јончевски за дуелите против Израел, Естонија и Чешка нема да може да смета на дел од стандардните репрезентативци како Крстевски и Мекиќ, а предводникот на Македонија не ја отфрли можноста за приклучување на Јакимовски и покрај најавите и за негово отсуство.
Репрезентативците подготовките ќе ги одработи во главниот град, а предвидени се и два пријателски натпревари против Полска кои ќе бидат одиграни во Белград.
„Имаме тринеделни подготовки кои ќе ги одработиме во Скопје. Имаме закажани две средби со Полска во Белград и тие ни се единствените пријателски натпревари на кои ќе видиме до каде сме. До тогаш ќе тренираме во Скопје.Првата недела нема да бидеме комплетни бидејќи ќе отсуствуваат дел од репрезентативците кои имаат обврски во своите нови клубови, лекарски прегледи итн.Верувам дека од следната недела ќе бидеме комплетни односно ако можам да кажам комплетни бидејќи имаме откажувања на почетокот, а во текот на оваа недела се случија и некои други непланирани откажувања, но тоа е што е. Тие играчи кои ќе се јават на повикот верувам дека ќе го искористат до максимум“, додава Јончевски.
Македонија на претквалификацискиот турнир влегува како аутсајдер, но со желба за надигрување и воедно на овие средби гледа како добра шанса за одмерување на силите со силни противници пред квалификациите за Евробаскетот 2025.
„Последен пат кога се натпреваруваше Македонија на ваков претолимписки турнир беше во 2012 година. Се сеќавам тогаш исто бев дел од стручниот штаб. Едно многу тешко натпреварување со оглед на тоа што само 12 репрезентации ќе се најдат на олимпискиот турнир, меѓутоа ова е добра шанса да ги одмериме силите со посилни противници кои понатаму ќе ги сретнеме во квалификациите за Евробаскетот.
Мерило ќе ни биде да видиме до каде сме бидејќи нашиот првичен план е настап на Европско првенство 2025. Бидејќи веќе настапивме во претквалификациите и истите успешно ги поминавме овој пат ќе можеме да спарингуваме со екипи кои ќе бидат вистински противници и ќе ни бидат едни од противниците кои ќе настапат на Европското“, завршува селекторот на Македонија.