Селекторот Александар Јончевски го доби целиот тим на располагање кој го посакуваше. Како главен адут ќе го има Ненад Димитријевиќ кој ја реши ситуацијата со трансферот и се стави на располагање на националниот тим. Пред следните предизвици, селекторот Јончевски ги сподели очекувањата.
„Оној пријателски натпревар со Црна Гора кој го одигравме беше закажан од претходно, многу рано, по само петдневни висински подготовки во кои малку игравме вистинска кошарка. Тој дуел го искористивме како дел од подготвителен тренинг, нормално, се работеше за подобар противник кој месец дена претходно беше собран и се подготвува за ЕП.Што се однесува на моментлниот состав на тимот, ни фалат високи играчи. Го немаме Младеновски поради повреда, можеби за првпат по долго време ќе стартуваме и квалификации без странец. Претходно сме ги имале тие игрчаи на високите позиции, но тоа е што е, сите играчи кои се во составот се во функција да го дадат својот максимум.За нашите ривали, можеби имаме неатрактивна група според имињата, но никако не смееме да ја потцениме Данска која има НБА-играч во својот тим, плус, натурализиран странец, доколку игра со нас на првиот меч. Лундберг и тоа како е важен за нивниот тим. Тука ја имаме и Словачка која ни е познат противник, со нив игравме два меча – првиот го добиме, вториот го изгубивме убедливо, така што мислам дека нема репрезентација која отскокнува од квалитет, а тогашната мотивација ќе го одлучи победникот.“, изјави Јончевски.
Нашата репрезентација уште еден ден ќе работи на домашно тло, а во понеделник следи заминување за Данска и првата квалификациска средба закажана на 25 август.