Македонската машка кошаркарска репрезентација е пред нови предизвици во претквалификациите за Евробаскетот кој е закажан за 2025 година.
Ние имаме перфектни четири од четири во групата Д, но се уште ја немаме завршено задачата, поточно тоа ќе треба да го направиме против Словачка или Норвешка, две средби кои ги играме на гостински терен. Првата шанса е пресметката со Словаците закажана за в четврток од 18 часот.
-Имаме четири бода, но еден кикс може да нè врати долу на табелата. Можеме да очекуваме тешки натпревари, бидејќи секоја селекција има свои математики. Словачка и Норвешка имаат две победи и не се предаваат, сигурно ќе играат на победа. Освен Данска, нема откажани репрезентации, сите имаат свои математики. Имаме два-три дена да се подготвиме и да видиме како ќе настапиме. Ќе видиме дали ќе промениме нешто во тактиката, бидејќи веќе одигравме два натпревари со истите репрезентации. Очекувам позитивен исход, -рече селекторот Александар Јончевски и додаде:
– Победивме на домашен терен, во исклучително тежок натпревар во кој во поголемиот дел бркавме негатива, стигнавме до победа против Словачка. Научивме доста од тој натпревар како да пристапиме на возвратниот. Двете селекции имаат измени од ростерот на тој натпревар. Ние ќе ги немаме Димитријевиќ и Јакимовски, а Словаците ќе сметаат на нивниот најјдобар играч Бродзијански. Верувам дека и тие се подготвуваат за игра на победа, па ќе видиме како тактички ќе одговориме на промените. Целиме на една победа, секако дека ќе играме на две победи, но имаме позитивна енергија и греота е да не го искористиме овој позитивен скор од четири победи на стартот, -заклучи предводникот на „црвено-жолтите“.
Првата средба во Скопје ја добивме со 79-75.