среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Јурица Големац не е повеќе тренер на Цедевита Олимпија

Јурица Големац не е повеќе тренер на Цедевита Олимпија

Кошаркарскиот клуб Цедевита Олимпија објави дека ја прекина соработката со нивниот тренер, Јурица Големац. Тој од 2020 година беше предводник на тимот, а клубот со официјално соопштение се заблагодари за неговите услуги.

Тимот од Љубљана периодов не беше во најдобра форма и доживеа три порази на последните пет АБА мечеви. Лошиот период започна со поразите од Будуќност на домашен терен, но и од МЗТ Скопје вп  „Јане Сандански“, по што екипата забележа уште неколку неочекувани неуспеси, (пораз во Еврокупот од 30 разлика), а притисокот врз тренерот константно се зголемуваше.

Управата реши да направи промена на тренерското место пред да започне најтешкиот период од сезоната, разигрувањето за највисоките позиции во АБА и предизвиците во домашното првенство. Цедевита Олимпија во моментов има скор од 14-6 во АБА-лигата и се наоѓа на една победа помалку од Будуќност.

„Му благодариме на тренерот Големац за одличната работа овие три сезони во нашиот клуб. Тој имаше голема доверба од нас и секогаш се трудеше максимално професионално да ги врши своите задачи. За жал, резултатите во последно време ни покажаа дека нешто не е како што треба и затоа се решивме на овој чекор. Силно веруваме дека пред Големац е одлична тренерска кариера, му благодариме за досега сработеното и му посакуваме многу среќа во иднина“, стоеше во краткото соопштение од клубот.

Се очекува новото тренерско име во Љубљана да пристигне до крајот на оваа недела.