Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го реши тренерското прашање за следниот период, откако денеска беше ревидиран и потврден договорот со актуелниот стратег Ѓорѓи Кочов, кој се обврза да седи на клупата на вицешампионот најмалку во следните две сезони, објави клубот од „Јане Сандански“.
Станува збор за млад тренер и поранешен селектор на јуниорската репрезентација на Македонија, кој на почетокот на април го наследи Жељко Лукајиќ и ја доврши сезоната како прв стратег, откако кон крајот на минатата година дојде во Аеродром како негов прв помошник.
Кочов според многумина е еден од најталентираните стручњаци кај нас во моментов, а во „Јане Сандански“ дојде од таборот на Вардар, каде што одработи една ипол сезона како предводник на овој тим, прво во Првата лига, а потоа и во второлигашка конкуренција. Претходно, тој освои куп златни медали со јуниорскиот и младинскиот состав на Вардар, поради што во 2016 година беше прогласен за најдобар тренер во Македонија во младинска конкуренција.
Предводникот на МЗТ Скопје Аеродром зад себе има и солидна играчка кариера и тоа настапувајќи за матичниот Работнички како и за Вардар 2000, МЗТ Скопје Аеродром и за Вардар Апаве, каде што се пензионира на крајот од сезоната 2015/16.