Управата на НБА тимот Лос Анџелес Лејкерс ќе започне преговори со Чикаго Булс за потенцијална размена во која главна ѕвезда би бил Расел Вестбрук, пишува ЕСПН.
Вестбрук минатата година пристигна во ЛА Лејкерс и со прикажаните игри целосно разочара и екипата минатата сезона дури не играше ниту во плеј-офот. Сезонава Вестбрук има просек од 15 поени и 7.4 асистенции по натпревар, што е премалку за еден кошаркар од таков калибар.
Според ЕСПН, Лејкерси кои и годинава играат далеку од посакуваното, планираат на Чикаго булс кој исто така прикажува слаби игри, да го понудат Вестбрук заедно со два избори од првата рунда на драфтовите во 2027 и 2029 година, во замена за двајца ол-стар кошаркари, Демар Дерозан и Никола Вучевиќ.
Дерозан, кој има уште две години од договорот, сезонава просечно постигнува по 26,3 поени по натпревар, додека Вучевиќ, чиј договор со Чикаго истекува идното лето, има просек од 15,6 поени и 11,2 скока по натпревар.