Литванската кошаркарска федерација, која ја предводи славниот Арвидас Сабонис, има намера да се кандидира за домаќин на еден од четирите квалификациски кошаркарски турнири за место на Олимписките игри во Токио 2020 година.
На тие турнири ќе играат 24 тимови, а само четири (победниците на секој од турнирите) ќе патуваат во Токио.
Литванците веќе имаат конкретен план, тие како град домаќин на турнирот ќе го пријават Каунас, со „Жалгирио арена“. Светската кошаркарска федерација ФИБА до ноември ќе ги прима кандидатурите, а од потенцијалните организатори бара да уплатат 2,3 милиони евра, но проценката е дека сите трошоци ќе достигнат и до 3 милиони евра.
Одлуката каде ќе се играат турнирите, ќе се донесе во март следната година.