Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години се пласираше во полуфиналето на Европското првенство Б дивизија откако со 66-49 ја совлада селекцијата на Велика Британија.
Младите македонски кошаркари одиграа уште една фантастична средба, овојпат беа подобри од врсниците од Велика Британија и се пласира во полуфиналето на европскиот Б шампионат кој се игра во Скопје.
Потребно е да бидат една од првите три селекции за да изборат место во А дивизијата, меѓу најдобрите. Тоа значи дека од преостанатите два меча, потребна ни е барем една победа, ако не триумфираме во полуфиналето, ќе треба тоа да го направиме во борбата за третото место.
Македонските кошаркари денеска уште во првата четвртина создадоа предност, беше 17-11, а потоа само ја одржуваа предноста и ја зголемуваа за лесен триумф од 66-49.
Митревски со 17 поени беше нашиот најефикасен кошаркар на овој меч, Теодор Симиќ постигна 13 поени, имаше и 11 скокови, двоцифрен беше и Бошалески со 10 поени.
Противник на Македонија во полуфиналето ќе биде победникот од мечот меѓу Холандија и Украина кој се игра вечерва од 21 часот.
Полуфиналето ќе го играме утре од 18:30 часот во салата СРЦ „Кале“.