Кошаркарската репрезентација на Македонија со пораз го почна претквалификацискиот турнир за Олимписките игри кој се игра во Талин откако вечерва загубивме од Израел со 86-65.
Избраниците на Јончевски иако цело време беа во негатива, колку толку се држеа во првото полувреме кое заврши со водство на противникот од 37-28.
Натпреварот беше решен во третиот период кој Израел го доби со 25-13. Четвртата четвртина заврши нерешено 14-14, но противникот веќе ја тргна педалата од газ и ја славеше победата која на крајот беше со резултат од 86-65.
Единствена светла точка во нашиот состав беше Американецот, Ти-Џеј Шортс кој постигна 22 поени, имавме уште еден кошаркар со двоцифрен учинок, Андреј Магдевски кој реализираше 11. Кај Израелците најпрецизен беше Роман Соркин со 21 поен.
Утре од 18 часот го играме вториот меч, противник ни е Естонија, а турнирот го завршуваме во вторник со дуел против Чешка.