Капитенот на македонската женска кошаркарска репрезентација Анџелика Митрашиновиќ по синоќешната победа над Босна и Херцеговина на гостински терен во квалификациите за Европското првенство 2023 истакна дека триумфот е потврда за квалитетот што го поседува репрезентацијата предводена од селекторот Александар Ашаданов.
Македонските кошаркари на гостувањето во Сараево приредија големо изненадување и со триумфот од 68-66 ја забележаа премиерната победа во евроквалификациите и воедно прва од јули 2017 година кога во пријателски натпревар беа поуспешни од Бугарија.
-Пресреќна сум, пред сè затоа што го оставивме срцето на теренот, и им докажавме на сите дека оваа репрезентација има квалитети, и дека може да се носи и со репрезентации кои играат на светско ниво. Сакам да им честитам на сите девојки, за борбата и за фокусот кој го имаа во сите 40 минути од овој натпревар. Стручниот штаб веруваше во нас од самиот почеток, и на крајот сето тоа се исплатеше со голема победа. Најдраго ми е што оваа победа ја остваривме без странец во екипата. И докажавме дека и ние Македонките имаме квалитет, изјави капитенот Митрашиновиќ по триумфот во Сараево.
„Само сакам да додадам, дека тука не застануваме, одиме понатаму … Допрва доаѓаат помладите кои исто така покажаа дека заслужено се во репрезентацијата“, додаде македонската капитенка.
Македонските кошаркари ќе го завршат настапот во групата А во рамки на квалификациите за ЕП 2023 в недела во Скопје против Белгија, која со вчерашниот триумф над Германија 69-44 обезбеди настап на завршниот турнир.