Најдобрата македонска кошаркарка во моментов Анџелика Митрашиновиќ, заедно со Шарека Мекнил од Војводина, е прогласена за најдобар стрелец на Ф4 од ВАБА лигата кој се одржа викендов во Подгорица.
Нејзиниот тим Монтана тотално потфрли и го освои последното место, но нашата репрезентативка беше единствената светла точка. На двата натпревара постигна вкупно 42 поена, колку што имаше и Мекнил. На денешниот меч за третото место против Војводина, Митрашиновиќ реализира 28 поени или точно половина од вкупниот број постигнати на нејзината екипа.
Титулата во ВАБА лигата и оваа сезона ја освои словенечкиот тим Цинкарна Целје која во финалето го победи домаќинот Будуќност со 66-64. За МВП на завршниот турнир е прогласен Блажа Чех од шампионската екипа.