Важна победа во битката за опстанок извојуваа вечера кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром совладувајќи го на домашен терен ФМП со 87:82 во рамки на 20 коло во АБА лигата.
Гостите од Србија заминаа на полувреме со предност од 38:35, а МЗТ клучната предност ја оствари во третата четвртина која ја реши во своја корист со 30:18.
До четвртата победа сезонава во регионалното натпреварување македонскиот шампион го предводеше Американецот Мајкл Кефи со 26 поени.
МЗТ Скопје Аеродром сега се израмни со бројот на победи со Борац на последните две места на табелата и ги задржа шансите за опстанок во лигата.
Во преостанатите шест кола до крајот на сезоната МЗТ го очекуваат три натпревари на домашен терен против Игокеа, Задар и Цибона, како и гостувања кај Мега, Борац и Сплит.