Кошаркарите на МЗТ Скопје ја забележаа третата победа во АБА лигата оваа сезона откако во салата „Јане Сандански“ со 79-74 го совладаа тимот на Цедевита Олимпија.
Македонскиот кошаркарски шампион овојпат одигра максимално борбен меч, кошаркарите се бореа за секоја топка, а на крајот тоа се исплатеше.
МЗТ Скопје одлично го почна мечот, имаше водство од 8-2 на стартот, но како одминуваше четвртината ја загуби предноста, Цедевита водеше со 21-19 по првите десет минути.
Во вториот период МЗТ Скопје не само што го врати водството, туку во еден момент имаше и највисоки 14 разлика, 37-23. Гостите успеаа да намалат, на полувремето се замина со 41-35 за македонскиот тим.
До крајот на мечот МЗТ Скопје ја одржуваше предноста, Цедевита двапати успеа да го изедначи резултатот, но тоа беше се што направија. На крајот нашиот тим победи со заслужени 79-74.
Најдобар во составот на МЗТ Скопје беше Кук со 26 поени, Војдан Стојановски постигна 18, а Кефи 14. Кај Олимпија, Адамс со 15 беше најдобар.
Следниот меч за МЗТ Скопје во АБА лигата е на гостински терен против Морнар следниот петок.