Кошаркарскот клуб Валенсија денеска и официјално го претстави Ненад Димитријевиќ како свое големо засилување за наредната натпреварувачка сезона. Тој пристигнува во Валенсија од редовите на Хувентуд, каде ги мина сите младински категории, се наметна и како еден од лидерите на првата екипа на поранешниот европски првак, за сепак да реши кариерата да ја продолжи во таборот на доскорешниот евролигаш.
„Сакам да се заблагодарам на сите во клубот за довербата што ми ја укажаа потпишувајќи четиригодишен договор. Ова е голем клуб, а јас ќе се обидам да растам со него, заеднички да бележиме уште подобри резултати. Дојдов овде да помогнам да победуваме, да освојуваме титули. Минатата сезона направив чекор напред со добрите игри за Хувентуд. Сега ми е време за нов голем чекор напред во кариерата, затоа дојдов во Валенсија“, изјави Димитријевиќ.
Тој ќе го носи дресот со број нула во новиот клуб.
„Нула, тоа е бројот на сомнежи што ги имаме во квалитетите на Димитријевиќ. Веруваме во него, знаеме дека е квалитетен играч и убедени сме дека со својот инвидуален талент, креативноста и разбирањето на кошаркарската игра ќе биде многу корисен за тимот сезонава“, изјави почесниот претседател на Валенсија, Пако Рага.