Со мнозинство на гласови, прифатен е предлогот на федерација за промена на системот на натпреварување во Првата лига-мажи.
Во продолжение во целост го објавуваме соопштението за јавност од страна на Кошаркарската федерација на Македонија.
– Во изминатиот период, раководството на федерацијата на заеднички состанок, разговараше со претставниците на Здружението на Прва лига-мажи, кои требаше да се изјаснат за двата предлози за продолжување на натпреварите во Првата лига – мажи по завршувањето на првиот, регуларен дел од сезоната, односно одигрување на 22 кола.
По добивањето на сите мислења доставени од екипите учесници во Првата лига-мажи во сезоната 2020/2021 до канцеларијата на Сениорските лиги и федерацијата, кои се однесуваат за и околу продолжение на натпреварите во Првата лига-мажи за сезоната 2020/2021, раководството на Кошаркарската федерација на Македонија, ги разгледа сите ставови доставени од страна на претставниците на Здружението на Прва лига-мажиВрз основа на добиените одговори од страна на сите дванаесет клубови, учесници во натпреварите во Прва лига-мажи, одлучено е дека, во овој момент постојат реални услови за промена во системот за натпреварување за тековната натпреварувачка сезона 2020/2021 во Прва лига-мажи.
Согласно со тоа, овој заклучок донесен во консултации со претставниците на сите екипи учесници во натпреварите во Прва лига-мажи, ќе биде доставен и даден на усвојување на наредната седница на Управниот Одбор на КФСМ.
Во поединечното изјаснување на клубовите, десет клуба беа за предлогот:
„По завршување на регуларниот дел од првенството, односно по одигрување на 22 кола, да не се игра втората фаза од Првата лига-мажи, односно Супер лига и Плеј аут лига, и да се премине на третиот планиран дел, плеј оф.
Доигрувањето би се реализирало со учество на осумте првопласирани екипи од првиот дел од првенството.
Плеј аут, со учество на четирите последнопласирани екипи во регуларниот дел од сезоната, каде испаѓаат две екипи.
Натпреварите од доигрувањето, плеј-офот, односно плеј-аут лигата би се одвивале во т.н.„балони“, а сите трошоци за реализација на турнирите ќе ги покрива федерацијата.
Натпреварувањето да се одвива во четири одвоени турнири, преку кои ќе се реализираат четвртфиналните, полуфиналните и финалната серија на плеј-офот. Како и плеј-аут турнир по кој ќе бидат познати и двете екипи кои би се преселиле во понизок ранг на натпреварување – Втора лига.
„Балоните“ би се играле во периодот од 17. мај, заклучно до 10. јуни, кога би го имале новиот шампион за сезоната 2020/2021“.
КК Пелистер-Битола и КК МЗТ Скопје Аеродром се делумно согласни со предлогот, со дополнение, односно барање, во плеј-офот да разигруваат првопласираните шест екипи (наместо предложените осум) од регуларниот дел на оваа натпреварувачка сезона, стои во соопштението на КФСМ.