Ендрју Вигинс бараше начин да ја избегне анти-ковид вакцината пред почетокот на новата НБА сезона, но на крајот мораше да се имунизира и навреме да ги започне подготовките со Голден Стејт Вориорс.
Вигинс побара од НБА да му биде дозволено да настапува без вакцина поради религиски убедувања дека не треба да се имунизира, но тоа барање му беше одбиено, па немаше да смее да настапува на натпреварите на домашен терен поради строгите ковид протоколи.
– Изборот ми беше да примам вакцина или веќе да не играм во НБА. Се надевам дека и за десет години ќе бидам здрав.
– Знам дека НБА не го измисли правилото, но кога ќе го направиш тоа, веќе не си сопственик на своето тело. Ако сакаш да бидеш дел од денешното општество, воведени се правила што треба да ставиш во своето тело. Се надевам дека има многу посилни луѓе од мене и ќе продолжат да се борат за она во што веруваат.
– Мојата фамилија знае дека морав да го направам ова. Имам 26 години и две деца, па сакам да го работам она што ќе ја осигура нивната и иднината на нивните деца, затоа ризикував, – изјавил Вигинс.