Веста за прекинот на соработката помеѓу Сан Антонио спарс и 19-годишниот Џошуа Примо предизвика изненадување во американските новинарски кругови, со оглед што станува збор за кошаркар кој ветува многу и кој беше избран како 19. пик на ланскиот НБА-драфт.
Во клупското соопштение беше наведено дека „ваквата одлука, гледано на подолг рок, е најдобра и за Спарс и за самиот кошаркар“, додека младиот талент наведе дека сега ќе има доволно време да поработи на своето ментално здравје. Неколку дена подоцна во јавноста излезе вистинската причина за раскинот – константното напаствување на поголем број жени вработени во таборот на поранешниот НБА-шампион.
Неколку од нападнатите веќе покренале судска постапка, па отказот е можеби најмалиот проблем со кој се соочува тинејџерот Примо.