Словенечката кошаркарска репрезентација ќе биде значително ослабена за претстојното Светско првенство, затоа што од тимот отпадна НБА-ѕвездата Горан Драгиќ.
„Ќе бидам дома, ќе одморам и ќе ги гледам настапите на моите колеги. Им ја посакувам целата среќа на светот, но за мене мислам дека дојде крајот. Моето тело нема да го поднесе дополнителниот напор, а јас не би сакал да бидам товар никому, ниту пак, да добивам минутажа само поради моето минато. Навистина сум среќен за успесите што ги имавме порано, но моето време полека изминува. Ќе навивам за Словенија со цело срце и душа“, изјави кратко словенечкиот плејмејкер.
Горан Драгиќ е еден од најдобрите кошаркари од Словенија во последните неколку генерации. Тој беше еден од главните играчи на Евробаскетот во 2017 година, а во својата богата кариера настапуваше за многу НБА-екипи како Феникс Санс, Хјустон Рокетс, Мајами Хит, Торонто Репторс, Бруклин Нетс, Чикаго Булс, а оваа сезона ја заврши како член на Милвоки Бакс.