Дваесет илјади ожалостени навивачи, пријатели и семејството се собраа во „Стејплс“ центарот за да им оддадат почит на трагично починатата кошаркарска легенда Коби Брајант и неговата 13-годишна ќерка Џиана, кои загинаа во хеликоптерска несреќа пред еден месец.
На Комеморацијата која ја отвори Бијонсе, со една од омилените песни на Брајант, за првпат пред јавноста се обрати сопругата на Коби, Венеса Брајант, која се бореше со солзите и во својот говор кажа дека ја „загубила својата најдобра пријателска“ – мислејќи на ќерка си, како и на „моето сè“, како што го нарече Коби со кого беше заедно од средношколските денови.
Сите очи беа вперени кон несреќната вдовица и мајка, Ванеса Брајант која започна со говор за својата загубена ќерка:
-Таа имаше натпреварувачки карактер како нејзиниот татко. Коби секогаш ја поистоветуваше Џиџи со мене, таа го имаше мојот оган, карактер, сарказам и насмевка. Двајцата природно гравитираа заедно, Џиана го имаше неговиот таен талент да слушне песна и веднаш да ги запомне стиховите. Беше фантастичен спортист, одлична во гимнастика, бејзбол, фудбал и секако кошарка. Беше самоуверена, сакаше да помага и секогаш даваше совети каде што можеше. Јас никогаш нема да ја видам мојата ќерка како оди кон олтарот на нејзината свадба, како и танцот на татко и невеста. Сигурна сум дека ќе беше прекрасна мајка и верувам дека ќе станеше најдобриот играч во ВНБА. Џиџи ќе направеше разлика во женската кошарка, се трудеше да ги смени мислењата за тоа како луѓето ги гледаат жените во спортот. Те сакам Џиана, истакна Ванеса.
Коби и Џиана беа многу поврзани, а главна причина за тоа беше кошарката. Вдовицата имаше само пофални зборови за својот покоен маж и неговиот однос кон децата.
-Неколку недели пред трагедијата добив порака од Коби, каде пишуваше дека не може повеќе да издржи да не сме заедно, ниту јас, ниту децата. Ние бевме најдобри пријатели, оваа порака навистина ми значи. Тој сакаше да минува време со ќерќите, ги учеше да бидат храбри, да одат само напред во животот, едноставно секогаш беше тука за нив, истакна Брајант.