„Стејплс центарот“ денеска ќе биде отворен за сите кои сакаат да им оддадат последна почит на загинатиот кошаркар Коби Брајант и неговата ќерка Џиана.
Јавната комеморација е закажана за денеска 24.2.2020, датум што симболично го означува бројот на дресот на Коби, неговата 20 годишна кариера и бројката (2) на дрес што ја носеше неговата ќерка.
-Ние сме град во кој луѓето веруваат едни во други. Веруваме во нешто поголемо од самите себе. Ќе направиме апсолутно се за да овозможиме секој кој ќе посака да може да дојде, вети градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсети.
Коби и Џиана беа погребани на 7 февруари на приватна церемонија затворена за јавноста.
Коби Брајант, неговата ќерка Џиана и уште 7 лица настрадаа во хеликоптерска несреќа која се случи на 26 јануари годинава. Останатите загинати се Алиса Алтобели (13), нејзиниот татко Џон Алтобели (56) и мајка ѝ Кери Алтобели, кошаркарскиот тренер од училиштето Харбор Деј, каде што учела Џиана, Кристина Маузер (38), Пејтон Честер (13) исто така соученичка на Џиана, Сара Честер (45) мајка на Пејтон, и пилотот Ара Зобајан.