Фински Тампере ќе биде еден од четирите градови домаќини на групната фаза од Европското првенство 2025 година, кое заеднички ќе го организираат Финска, Летонија, Полска и Кипар, соопштија од Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА).
Натпреварите ќе се играат во „Тампере Дек арена“ со капацитет од 11.000 седишта, која беше отворена во 2021 година.
Финска втор пат во историјата ќе биде кодомаќин на ЕП во кошарка, по завршниот турнир во 2017 година на кој една од групите се играше во Хелсинки.
Тампере им се приклучи на летонска Рига и кипарски Лимасол, во кои ќе се игра групната фаза, додека полскиот град домаќин ќе биде објавен на 17 овој месец.