Кошаркарскиот клуб на Академија ФМП експресно се врати на победнички патеки на домашната сцена, триумфирајќи над составот на Куманово со убедливи 86-68.
Ова беше четврти триумф за тимот на тренерот Александар Петровиќ против неговиот поранешен клуб, извојуван пред се благодарение на одличното издание на ФМП во второто полувреме.
Резултатот на паузата изнесуваше 40-41, но домашните кошаркари потоа заиграа далеку подобро, ја добија третата четвртина со 27-18, а потоа во последните десет минути целосно го скршија отпорот на кумановци. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека ФМП настапи без својот најдобар стрелец Крстајиќ, во чие отсуство вечерва најефикасни беа Лука Стојановски со 26 и Ајви со 23 поени.
Зивчевиќ со 23 поени и осум скока беше најдобар поединец во таборот на Куманово. ТФТ ја оправда фаворитската улога во скопската пресметка со Работнички, декласирајќи ги „центарци“ со 103-72. ТФТ беше подобар ривал во сите четвртини, постепено зголемувајќи си ја предноста до конечните „плус 31“.
Хортон со 23 поени беше главно име во победничкиот тим, 19 поени постигна Мајкл, додека кај Работнички најефикасен при овој убедлив пораз беше Какруки, кој го заврши мечот со 22 поени и седум скокови зад своето име.
Гостивар со супериорна игра го совлада тимот на КК Ангели со преубедливи 106-60.
Избраниците на Алек Јончевски тргнаа фуриозно од самиот почеток, на полувреме имаа убедливи 52-23, позитива што уште повеќе ја зголемија до крајот на мечот.
Силаџи беше најефикасен со дабл-дабл од 20 поени и 10 скокови, а дабл-дабл во таборот на Гостивар имаше и плејмејкерот Ворку, кој го заврши натпреварот со 15 поени и 13 асистенции.