Тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски, е суспендиран на два натпревари и доби парични казни во вкупна вредност од 88 илјади денари поради инцидентите на натпреварот против Блокотехна во првото коло од Суперлигата.
Од Македонската кошаркарска федерација (МКФ) наведуваат дека на натпреварот во Гостивар поради втора техничка грешка и крајно некоректно однесување на мечот, Србиновски бил отстранет од теренот, а публиката почнала да фрла предмети по што следел прекин.
Тренерот на Гостивар по крајот на натпреварот дошол на записничката маса и продолжил да се заканува, по што реагирала полицијата за да не дојде до посериозен инцидент.
Кошаркарскиот клуб Гостивар е казнет со 35 илјади денари за фрлање на тврди и меки предмети и 20 илјади денари за неспортско навивање кон службени лица.
Блокотехна на гостувањето оствари победа од 70:80 против Гостивар на стартот од Суперлигата.
МИА