Кошаркарите на Оклахома Сити Тандер ја запишаа само деветата победа во новата сезона во НБА лигата, откако во луд натпревар пред својата публика славеа над екипата на Лос Анџелес Клиперс, со резултат 104-103.
Дуелот во „Пејком Центарот“ донесе многу возбудувања и пресврти, а победникот беше решен буквално во последните секунди. Оклахома на десет секунди до крајот, при негатива од два поени, имаше напад за најмалку продолженија, но Шај Гилџис Александер со луда тројка од голема далечина ги шокира гостите и на својата екипа ѝ донесе голема победа.
Канаѓанецот мечот го заврши со 18 поени и 6 асистенции, а попрецизен од него во таборот на Оклахома беше Дорт со 29 поени. Кај Клиперси се истакна Кенард со 27 поени.
Стеф Кари по фантастичните настапи во претходните кола, ноќва не беше во протоколот за натпреварот против Торонто Репторс, кој неговиот Голден Стејт Вориорс го загуби со 119-110. Ковид-19 влезе и во редовите на Вориорси, а тоа ги чинеше пораз во Канада од еден од најслабите тимови во Источната конференција.
Пораз забележа и тимот на Милвоки Бакс, кој исто така без својата прва ѕвезда Гркот Јанис, беше немоќен против Кливленд Кавалирс и загуби со убедливи 90-119.