Македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски од денеска официјално е нов спортски директор на словенечкиот гигант Олимпија.
Такво нешто се најавуваше уште од минатиот месец, но денеска струмичанецот е назначен на новата функција, како замена за Сани Бечировиќ кој беше на неа од 2019 година. Илиевски во Олимпија доаѓа од Илирија каде претходните години беше претседател на клубот. Ова е негово четврто враќање во љубљанскиот колектив каде играше од 2001 до 2003, потоа од 2008 до 2009 и по краткиот престој во Тау Керамика (Басконија), од 2009 до 2011 година.
Поранешниот македонски репрезентативец ја заврши играчката кариера во 2017 година во дресот на Работнички, а оттогаш живее во Словенија каде што е неговото семејство. Негова главна цел летово ќе биде да состави конкурентен тим кој ќе се бори за трофејот во АБА лигата, но и за што подобар пласман во Еврокупот каде Олимпија оваа сезона тотално разочара и оствари само три победи на 18 натпревари.