Првиот пик од НБА драфтот во 2010 година, Џон Вол претходниве денови беше во центарот на вниманието на европската кошаркарска јавност откако излезе информација дека, наводно, е пред договор со италијанскиот шампион Олимпија Милано.
По доаѓањето на Кемба Вокер во Монако, многумина помислија дека ова е продолжение на трансферите на НБА кошаркари во Европа, но излезе дека тоа не е точно. Веста ја демантираше лично Вол преку социјалните мрежи.
„Од каде ги добивате информацииве? Лажна вест“, напиша искусниот плејмејкер на својот профил на Твитер.
Тој официјално е слободен играч откако му истече договорот со Лос Анџелес Клиперс и можно е навистина да постои интерес за него од Олимпија Милано. Сепак, ни од клубот нема информација дека се водат преговори иако не треба да се исклучи негов трансфер во европската кошарка.