Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев вели дека со пласманот во осминафиналето целта е остварена, но тие ќе одат на повеќе, на уште победи на ова Европско првенство.
Македонија стартуваше на најдобар можен начин на Европското првенство, ги победивме двата конкуренти за пласман понатаму Данска и Црна Гора, а сега секоја следна победа е бонус по кој целат нашите одбојкари.
„Ова е голема победа, ова е историска победа. Но, сега само се загреавме, за мене сега почнува Европското првенство. Ова што го направивме е историски успех, но го заслуживме тоа. Се подготвивме добро, трениравме долго, секој ден стануваме рано, анализираме, вежбаме по одредените програми и заслиживме да се радуваме. Покажавме дека Македонците никогаш не се откажуваат, горд сум на сите во оваа сала. Сонот го остваривме, но можеме и повеќе . На утрешниот меч против Полска нема што да загубиме. Но на дуелите против Чешка и Холандија ќе се обидеме да победиме и зошто да не го направиме тоа“, вели Ѓоргиев.