Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, го нарече Дејан Георгиевски, идол и нова ѕвезда на македонскиот спорт.
Таеквондистот пред два дена на Игрите во Токио освои сребрен медал во категоријата +80 килограми.
– Сребрениот медал од Олимпијадата е голем успех за Македонија. Ова ќе го славиме уште многу години. Се надевам дека среброто од Токио, на следните Олимписки игри ќе се преточи во злато. Дејан е 22-годишно момче кое ги заслужи сите пофалби. Од самиот почеток Агенцијата за млади и спорт застана зад него, сите негови потреби ги теравме заедно и еве вроди со плод. За сите деца кои сакаат да се занимаваат со спорт, Георгиевски е нов идол, нова ѕвезда на македонскиот спорт. Тој ни даде мотив плус, по пандемијата, спортот да го вратиме посилно. Тој ни ги разубвави моментите на Олимписките игри, истакна Мојсовски.
Инаку, кога македонските фудбалери требаше да пристигнат на скопскиот аеродром по деби настап на Европското првенство, Мојсовски кој е поранешен ракометен репрезентативец, на социјалните мрежи објави дека автобус за пречек од пред АМС, во 12. 30 часот ќе тргне на аеродром каде ќе пристигнат фудбалерите.
Во својата објава на Фејсбук, Мојсоски напиша дека „Денеска нашата фудбалска репрезентација пристигнува во Скопје!“.
Токму ова „нашата“ предизвика револт кај граѓаните кои го потсетија Мојсовски дека и тој кога со ракометната репрезентација го освои петтото место на Европското првенство во 2012 година исто така бил пречекан на скопкиот аеродром и на плоштадот Македонија. Актуелниот директор на АМС беше прашан и за која репрезентација и држава тој тогаш настапувал, ако сега не сака да напише „македонска“ во својата објава.
Овој пат, или граѓаните го опаметија Мојсоски, или му се испушти.