четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Наутро или навечер? Научници открија кога треба да вежбаме за слабеење

Наутро или навечер? Научници открија кога треба да вежбаме за слабеење

Можеби утринското вежбање не ви звучи привлечно, но шведски научници веруваат дека тренингот на почетокот на денот е најдобар за слабеење.

Иако нивната хипотеза се заснова на студија спроведена на глувци, тие велат дека резултатите би можеле да се покажат вредни и за луѓето.

Тимот од Институтот Каролинска ги проучуваше биолошките процеси кај глодарите кои беа принудени да трчаат наутро или навечер. Најактивен метаболизам имале глувците кои вежбале наутро. Резултатите беа објавени во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.

Гените вклучени во разградувањето на мастите и термогенезата (производство на топлина) беа повеќе изразени кај глувците кои вежбаа наутро, што укажува на тоа дека има поголем ефект врз нивната метаболичка стапка. Овој телесен процес, кој ја претвора храната во енергија за дишење, размислување и движење, диктира колку калории согоруваме секој ден. Така, оние со подобар метаболизам согоруваат повеќе калории и имаат поголема веројатност да ослабат.

„Нашите резултати сугерираат дека утринското вежбање може да биде поефективно од вечерното вежбање во смисла на зајакнување на метаболизмот и согорувањето на маснотиите. Ова може да биде вредно за луѓето со прекумерна тежина, но потребни се повеќе студии за да се извлечат веродостојни податоци“, рече професорката Џулин Зират од Институтот Каролинска.

Тимот, во кој беа вклучени и истражувачи од Универзитетот во Копенхаген во Данска, се надева дека резултатите ќе помогнат да се направат тренинзите поефикасни, особено за пациентите со дијабетес тип 2 и прекумерна дебелина. Тие забележаа дека нивната студија вклучува само трчање, а други видови на вежбање може да дадат различни резултати. Исто така, возраста, полот и основните здравствени состојби не беа земени предвид во оваа студија.