Осумнаесетгодишниот Карлос Алкараз стана шампион на Мастерсот во Мајами.
Во финалето тој синоќа го победи Каспер Руд со 2-0, по сетови 7:5 и 6:4.
Алкараз, кој на 5 мај ќе наполни 19 години, е трет на листата на најмлади победници на Мастерс турнирите. Пред него се само Мајкл Чанг (Торонто 1990) и Рафаел Надал (Монте Карло 2005).
Шпанецот стана и најмладиот шампион на турнирот во Мајами, соборувајќи го рекордот поставен во 2007 година од тогаш 19-годишниот Новак Ѓоковиќ.
Вкупно, Шпанецот ја освои втората титула сезонава и трета во кариерата, по која денес се искачи на 11-та позиција, на најновата АТП ранг-листа. (МИА)