четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Египет на Парондо сериозна закана за Хрватска, историски шанси за САД и Мароко!

Египет на Парондо сериозна закана за Хрватска, историски шанси за САД и Мароко!

Минатата година заврши со спектакуларен фудбалски Мунадијал во Катар, а новата, 2023 година, започнува со уште едно големо планетарно натпреварување – Светското ракометно првенство, кое што ќе се одржи во Шведска и Полска.

Групата Г е составена од две супер-квалитетни и атрактивни селекции, и две кои што се од долниот ешалон. Хрватска е првиот фаворит во групата, но никако не смее да се потцени Египет на Парондо, додека за третата позиција, последна која што води во втора фаза ќе се борат Мароко и Соединетите Американски Држави.

ХРВАТСКА

Хрватска дефинитивно е најзвучната, а можеби и најквалитетната селекција во оваа група. Поранешниот светски и олимписки шампион со големи амбиции ќе го започне овој Мундијал, но повредите во последниот период може да донесат непосакувани проблеми во ростарот на Хрвоје Хорват. „Каубоите“ зад себе имаат три разочарувачки настапи на големите натпреварувања, што треба да биде дополнителен мотив за една од најракометните земји да се врати на местото каде што припаѓа.

ЕГИПЕТ

Според прикажаното на претходните Мундијали, Египет е втората селекција по квалитет во оваа група. „Фараоните“ одлично се вклопија во филозофијата на шпанскиот стратег Роберто Гарсија Парондо, играат модерен ракомет, од собир во собир се сè поквалитетни и се качуваат по едно скалило погоре. Египет е долгогодишен учесник на големите натпреварувања, а најголемиот успех го запишаа пред 22 години, кога на шампионатот во Франција завршија на четвртото место.

САД

Репрезентацијата на Соединетите Американски Држави, пред две години на собирот во Египет требаше да ѝ се врати на големата ракометна сцена. Но, тогаш се случи ковид-хаос во тренинг-кампот и селекцијата го повлече своето учество на првенството. Американците цели 22 години чекаат на ракометни мундијални натпревари, но од нивиот настап не се очекува кој знае што. Свесни дека се далеку од квалитетите на Хрватска и Египат, единствената шанса за победа и пласман во втората фаза ја гледаат кај Мароко, но и тоа делува некако недостижно.

МАРОКО

Втората африканска селекција во оваа група не може се пофали со досегашните резултати на Светските првенства. Мароко по седми пат ќе учествува на планетарен собир, а на досегашните шест секогаш завршуваше уште во првата фаза и со негативен скор. Но, сега имаат историска шанса за чекор плус и учество меѓу најдобрите. За тоа ќе мора да го покажат најдоброто од себе и во првото коло да ја совладаат селекцијата на САД.

Сите натпревари од групата Г:

Мароко – САД (13 јануари, 18:00 часот)
Египет – Хрватска (13 јануари, 20:30 часот)

Египет – Мароко (15 јануари, 18:00 часот)
Хрватска – САД (15 јануари, 20:30 часот)

Египет – САД (17 јануари, 18:00 часот)
Хрватска – Мароко (17 јануари, 20:30 часот)

 

извор: gol.mk