Селекторот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров го најави дуелот со Романците, и ги посочи предностите и недостатоците, а повика и на поддршка од публиката.
„Што се однесува до бараж натпреварите, не ни е првпат. Јас како играч имам одиграно безброј вакви дуели. Не е иста тежината на бараж натпревар и квалификациски натпревар. Знаеме дека нè очекува и реванш, па мора да размислуваме на сите опции. Романија, иако е прв бараж, е многу сериозен противник кој доби на тежина со доведувањето на Хавиер Пасквал. Го презеде и Динамо Букурешт, има играчи кои ги води во текот на целата година и ги има во системот. Максимално сериозно ќе го сфатиме двомечот, со максимален респект кон Романија како поранешна светска и европска велесила. Тие имаат амбициозен проект со кој сакаат да се вратат на старите патеки.
Ние сме во слична ситуација, сметам дека и покрај подмладувањето имаме „стари борци“ и искусни играчи кои знаат како се играат бараж натпреварите. Спортот е непредвидлив, ќе го искористиме периодот да се подготвиме. Мило ми е што по толку време ќе имаме поддршка од навивачите кои се надевам ќе ни бидат „ветар во грб“. Ќе не понесат емоции и адреналин, а така можеме да направиме добар резултат пред реваншот во Букурешт. За мене позитивен резултат ќе значи победа, без оглед на разликата. Треба да го презентираме тоа што го работиме изминатата година. Сепак, што и да се случи, нема да значи дека сме пласирани. За неполни 48 часа играме реванш, а во тоа време треба и да отпатуваме во Романија. Јасно ни е дека во два дена треба да одиграме два екстра-квалитетни натпревари за да ја исполниме целта, пласман во вториот бараж и да играме против Чешка. Иако се зачудив што побараа да се игра реваншот во сабота, наместо во недела, сметав дека ќе имаме ден повеќе за припреми. Кога веќе размислуваме за четврток, мора да ги насочиме мислите и кон саботниот реванш“, изјави Лазаров.