Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 по перфектниот старт на Лигата на шампионите се сопна во дуелот со француски Монпелје (25-31) во рамки на четвртото коло во кое важеше за апсолутен фаворит на хартија.
Веселин Вујовиќ ги имаше сите ракометари на располагање за првпат во сезоната, публиката дојде на трибините, но Вардар потфрли. Настрада од „мечот со две острици“ – тоа е играта седум на шест, но истовремено и промаши безброј зицери, па тоа скапо го чинеше актуелниот владетел во македонскиот ракомет. За Вардар ова беше прв пораз во ЛШ, по победите над Алборг и Мешков Брест и ремито со Елверум. Монпелје изненади, по Кил победи уште еден фаворит и докажа дека до крајот групната фаза ќе биде супер-интересна.
Кога говориме за случувањата на дуелот, натпреварот во Скопје почна во знакот на гостинот од Франција. Пелас и Бос беа енигма за Вардар и го предводеја својот тим во мечот со вардарци. Дадоа шест гола, со максимална реализација, па поради нив тимот имаше предност од 4-7 во 14-тата минута од натпреварот. Кај Вардар имаше многу проблеми во развојот на нападот и во позиционирањето на играта, па Монпелје добро одолеваше на нападите.
Вујовиќ почна со игра „седум на шест“, така Вардар се врати во дуелот на 7-8 благодарение на головите на Стоилов, Дибиров и Георгиевски, а се играше изедначено до 9-10, кога Монпелје даде два гола на празна мрежа и ја врати предноста (9-12). Потоа, Монпелје имаше и највисоки плус четири во тогашниот дел од мечот (9-14) кои се задржаа и на паузата, а на стартот на вториот дел голманот Кевин Бонфоа кој го замени стартерот Шего блесна, фати три зицери и еден пенал, па поради тоа неговиот тим дојде и до плус пет (17-23).
Четири минути Монпелје беше без постигнат гол во еден дел од натпреварот, но Вардар не успеа да најде лек да ја стресе мрежата. Така, домашниот тим остана пет минути без погодок, па Монпелје го држеше времето и ја имаше играта под контрола, нешто што комплетно им одговараше на гостите во СЦ „Јане Сандански“. На десет минути пред крајот гостите имаа плус седум (20-27), па Вардар не успеа да се извлече од таа резултатска бездна. Во последните минути, Томовски имаше добри одбрани и спречи комплетен дебакл на „црвено-црните“ пред својата публика.
Најдобар кај Монпелје сигурно беше голманот Бонфоа со 12 одбрани, а кај стрелците Бос и Вилмино реализираа по седум пати. Кај Вардар 1961, Дибиров даде седум гола, Тото имаше шест, додека Стоилов, Њокас и Кудуз погодија по два пати.
Вардар за седум дена во Лигата на шампионите гостува во Данска каде ќе се соочи со Алборг, а претходно го чекаат домашни обврски против Тинекс Пролет. Монпелје, пак, во следното коло ќе му биде домаќин на фенерџијата Мешков Брест.