Македонската ракометна репрезентација ја оствари и втората победа на ЕП во Хрватска. Нашите момци вечерва ја совладаа Црна Гора со 29:28.
По лошото прво полувреме кое Црногорците го добија со еден гол позитива (16:15), во второто полувреме нашиот тим заигра подобро и на крајот сосема заслужено ја славиме победата.
Со оваа победа, Македонија со сигурност оди во следната фаза во Вараждин. Со победата над Црна Гора, Македонија сега е прва во групата со 4 освоени бодови, пред Германија со 3, Словенија со 1, Црна Гора е без бодови.
Ова значи дека нашата селекција со сигурност ќе пренесе 2 бода во следната фаза, а може и повеќе доколку оствариме позитивен резултат со фаворизираната Германија.
Филип Кузмановски и Филип Миркуловски се најзаслужни за вечерашната победа. Кузмановски постигна 5 погодоци од 8 обиди, додека Миркуловски имаше четири погодоци од исто толку обиди.