Женската ракометна репрезентација не успеа да направи голем чекор во првиот бараж меч за пласман на Светското првенство. Избраничките на Љубомир Савевски на реваншот во Кишварда ќе патуваат со негатива од гола, откако на домашен терен беа поразени од Украина со 22-24.
Сара Ристовска со осум гола беше наш прв стрелец, Јанеска и Саздовска запишаа по три гола, Мицевска имаше шест одбрани, две од седум метри.
Украина по 12. минути игра имаше предноста од седум гола (2-9), со тоа што Македонија во првите десет минути заработи три исклучувања, па тешко беше да се справи со брзата транзиција на противникот, дел од головите ги примија на празна мрежа.
Покрај ова од 6. до 13 минута, „црвено-жолтите“ беа без погодок. Единствениот блесок го имаа пред крајот на првото полувреме кога по одбрана на Мицевска при 5-13 направија серија од 3-0 и намалија на 8-13.
Негативата на одморот беше 8-14, се чинеше дека тука е крајот. Но, сликата се промени. Како на теренот да излезе нов тим. Мицевска повлече, одбрани еден удар од седум метри и уште еден напад на противникот.
Ретко, кој очекуваше, но ракометарките направија серија од 8-2 и изедначија на 16-16 во 43 минута. Се разигра Ристовска, Ѓоргиевска, Коцева..нивото на одбраната беше подигнато, а во нападот избраничките на Савевски делуваа посигурно.
Три минути подоцна, Украина успеа да зголеми на плус три (16-19). Ристовска не држеше во чекор до посакуваниот пресврт, со два контранапади, не му дозволи на противникот повторно лесно да се одлепи резултатски. Во 49. минута беше 19-20, не рализираа за ново реми. Македонија беше на негатива од еден до два гола.
Во 55. минута, Македонија остана без најефикасната, Ристовска, која заработи црвен картон, откако при изведување на пенал ја погоди противничката голманка во глава. На три минути до крајот, нашата репрезентација заработи исклучување, Јанеска промаши важен седмерец при 21-23, на другата страна стигна казна (21-24). На крајот Украина славеше со 22-24, негатива која ветува.
Реваншот се игра за три дена, Савевски и неговите девојки ќе мора да бидат многу подобри доколку сакаат да се најдат на Мундијалот.