Пролет и Бутел ремизираа 23-23 во скопската пресметка во претпоследното коло од ракометниот плејоф, меч што ќе остане запаметен по одлуката на судиската двојка Металари – Николовски и пеналот за Пролет во последната секунда, поради наводното задржување на топката на Мајиќ при последниот напад на Бутел.
Само за потсетување, истите арбитри за иста ситуација беа критикувани во куп-финалето, Еурофарм Пелистер дури и поднесе приговор што не беше досуден пенал, со црвен картон за Талески, па денеска Металари и Николовски се решија за токму таква одлука иако Мајиќ не направи речиси никаква опструкција по судискиот свиреж.
По мечот жалба поднесоа бутелчани. Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение на скопскиот клуб.
„Ракометниот клуб Бутел Скопје испрати жалба до Ракометната федерација на Македонија за арбитражата на натпреварот од 13 коло во суперлигашкиот плеј-оф против Пролет одигран на 21 мај во спортската сала „Македонско Сонце“, кој заврши 23-23. На овој натпревар повредени се повеќе ракометни правила и нашиот клуб е оштетен во повеќе ситуации. Во второто полувреме на 59:34, семафорот се враќа назад за 4 секунди, што може да се види и на стримот од натпреварот. Играта продолжува од 59:30. Потоа арбитрите Ненад Николовски и Исмаил Металари ја прекинуваат играта на 59:51. Мерачот на време, Илија Давидовски, кој е исто така судија, не го пушта семафорот и покрај тоа што е даден знак за продолжување на играта, што исто така може да се види на стримот од натпреварот – времето од 59:57 одново се враќа назад на 59:54. Сметаме дека натпреварот е „продолжен“ за најмалку 5 до 7 секунди, а тоа директно влијаеше на резултатот. Поднесен е приговор за последниот наш напад, односно црвениот картон на Мирко Мајиќ, кој сметаме дека е неправедно доделен, како и за досудениот пенал и за побараниот тајм-аут на домашниот тренер. Додека траеше тајм-аутот беше досуден и пеналот за домашниот тим што се коси со ракометните правила“, стои во соопштението на Бутел.