Македонија доживеа своевиден дебакл и беше елиминирана по првата фаза на ракометниот Мундијал. По неуспесите со Норвешка и Холандија, избраниците на Кирил Лазаров одиграа катастрофално и против Аргентинците, па тука заврши патот низ турнирот во Полска и Шведска.
По третиот пораз, селекторот Лазаров во разговор за македонските медиуми анализираше неколку теми. Тој посочи дека една од главните слабости на ова Светско првенство биле голманите, кои немаа свој ден на ниту еден од натпреварите.
„Во овој период, одигравме четири пријателски и три официјални натпревари. На вкупно седум средби, голманите ниту еднаш не ја минаа границата од десет одбрани, дури некогаш комбинираа и по пет или шест. Тоа нам секогаш ни било заштитен знак, дури и кога одбраната била послаба, голманите нè ваделе. Сепак, тоа се случи. Имам тотална одбрана во Митревски и Томовски. Одбраната беше слаба, меѓутоа некогаш треба да заслужиш и да те погоди некоја топка“, изјави селекторот Лазаров.
Иако одбраната беше навистина порозна и Николче Митревски и Мартин Томовски беа практично како на стрелиште, во репрезентативниот табор веројатно очекуваа повеќе од нив.
Македонија го продолжува настапот на Мундијалот во Президент купот и ќе разигрува за пласман.
извор: gol.mk