сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Светот му се поклонува, а големите ракометни имиња сонуваат да го достигнат неговиот успех, НАЈГОЛЕМИОТ меѓу ГОЛЕМИТЕ испиша историја која тешко се достигнува

Светот му се поклонува, а големите ракометни имиња сонуваат да го достигнат неговиот успех, НАЈГОЛЕМИОТ меѓу ГОЛЕМИТЕ испиша историја која тешко се достигнува

Ракометните терени уште долго време нема да видат голгетер како нашиот Кирил Лазаров. По две децении македонската легенда заминува во пензија и зад себе остава кариера која е на рамниште на најголемите ѕвезди во историјата.

41-годишникот секогаш бил пример за помладите, неговата професионалност му овозможи долго време да решета мрежи на терените, а желбата за успех го однесе до најголемите височини кои може да се достигнат во ракометот.

Иконата на македонскиот спорт заминува како најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите. Тој прв ја раситна „илјадарката“ и до крајот на оваа сезона постигна повеќе од 1.300 погодоци. Голгетери како Никола Карабатиќ, Микел Хансен, Тимур Дибиров и Момир Илиќ му гледаат во грб на актуелниот селектор на македонската сениорска репрезентација.

Долго време ќе се памети и неговата фантастична игра на Светското првенство во 2009 година. Рекордните 92 гола и натаму го држат на врвот и тешко е да се верува дека во блиска иднина тоа ќе се промени.

Македонија секогаш се потпирала на неговиот талент, па затоа секогаш ќе му биде благодарна за секој гол, емоција и успех на големите натпреварувања. Но, не го слават само македонските фанови, туку целиот ракометен свет денес му се поклонува на единствениот Кирил Лазаров.