Филип Талески со десет гола против Романија го трасираше патот до второто бараж-коло, настап со кој „бомбардерот“ на Вардар се наметна и како лидер на националниот тим.
Предизвикот наречен Чешка е уште посериозен, но Талески е оптимист дека Македонија ќе најде начин да стигне до позитивен резултат и да се пласира на СП 2023.
„Радува што тие што треба да играат се во добра форма, играат и во клубовите и мислам дека физички сме подготвени и знаеме што ни следи на овие два натпревари против Чешка. Посебно денес очекувам тврд натпревар, со многу дуели, со многу тепање. Но, спремни сме, ја знаеме нашата цел и останува да ги финишираме анализите и да излеземе фокусирани на терен и ако може уште вечерва да завршиме голема работа. И денес очекувам борба како на претходните дуели со Чешка. Мислам дека нема да има многу голови, но сакаме да наметнеме ритам со многу голови и трчање. Ќе се обидеме да ги изненадиме, бидејќи сме во подобра форма. Тие имаат повисоки и потешки кружни напаѓачи и тоа треба да го искористиме. Чешка имаше одлично Европско првенство, играше егал натпревари со Шведска и Шпанија и покажа квалитет. Со новиот селектор сигурно нешто ќе променат во играта, но колку може да се промени во два собири не знам. Системот ќе биде шпански, мислиме дека во одбрана повеќе тактички може да нè изненадат“, истакна Талески.
извор: ekipa.mk