„Африканската свинска чума“ зафати и втора голема фарма на свињи во селото Брашлен во регионот Русе во општина Сливово поле во соседна Бугарија.
Над 40 илјади свињи кои се одгледуваат таму ќе бидат еутанизирани, откако претходно чумата се појави и во Плевен и Големо Трново.
Бугарската агенција за безбедност на храната (БСА) веќе издаде наредба за убивање на животните во ново заразената област, а во исто време жителите на ова населено место се загрижени дека погребувањето на животните би можеле да ја заразат и почвата.
Најкритично е во северните делови на земјата каде жариштето на чумата е најактивна во Враца, Плевен, Големо Трново, Трговиште, вклучувајќи дел и од регионите Ловеч и Бургас.
Ова е доказ дека вирусот брзо се шири во соседството, по што се кренаа на нозе и македонските надлежни институции.
Со цел заштита од внесување на вирусот во земјава, АХВ презема повеќе мерки, но и едукативни активности за одгледувачите на свињи. Постојано се проверува и контролира биобезбедноста на фармите, а домаќинствата кои одгледуваат свињи не смеат да ги пуштаат на отворено. Се врши и мониторинг на присуство на чумата кај дивите свињи, бидејќи тие се најчестите преносители на болеста.
Од АХВ апелираат граѓаните да не внесуваат храна од животинско потекло во земјава.
Африканската свинска чума се појавила во 2007 година во Казахстан, а во моментов е присутна во Бугарија, Романија, Унгарија и други држави од Источна Европа. Болеста предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството, не се лекува и не постои вакцина за заштита.
Инаку во Бугарија досега се откриени 20 случаи на свинска чума на фармите. Сите свињи на овие фарми ќе бидат еутанизирани.
Експертите велат дека поради епидемијата на високо заразната болест би можеле да настрадаат околу 500.000 свињи.
Војската и полицијата се мобилизирани во битката против вирусот и во заштитата на други фарми. Се врши дезинфекција на фармите, ограничена е продажбата на свинско месо, а се контролираат и граничните премини.